Дали навистина се планирал напад во Македонија?

Дали навистина се планирал напад во Македонија?

Спремен сум да се кладам во последната пара дека фамозниот товар не ни постоел, како и дека не постои „изворот на Блиц од ВБА“, туку дека текстот на масата на уредникот стигнал директно од канцеларијата на Вучиќ, напиша во четвртокот новинарот на српскиот неделник Време, Дејан Анастасијевиќ, пишува МКД.мк

Веќе се навикнавме на хистеричните наслови во режимските весници, кои секој ден откриваат нови заговори и пеколни планови на сите непријатели на Србите, а особено на премиерот Александар Вучиќ. Те на Балканот му се заканува војна, те се спрема колење на Србите, те Албанците сакаат да го збришат Вучиќ, те Белград е на удар на Приштина и Скопје… (сите примери се од денешниот печат).

Но кога дневниот весник „Блиц“, некогаш респектабилен весник во сопственост на моќниот германски концерн „Шпрингер“, на најприземен начин ќе се вклучи во оваа кампања, човек не може да не забележи дека новинарството во Србија не само што го допре дното, туку и го проби и слободно паѓа во досега неистражен простор.

„Блиц“ денес, под ознака „ексклузивно“, на насловната страница објави статија во која се наведува дека оперативците на Воено-безбедносната агенција во јужна Србија откриле и заплениле голем товар оружје. Анонимен извор од ВБА (нема други извори) за „Блиц“ рекол дека се пронајдени „неколку илјади пушки, митралези, минофрлачи и рачни бомби“, кои биле „на пат за Македонија“.

Понатаму се тврди дека се „претпоставува дека товарот бил наменет за инфраструктурата на најголемата албанска партија во Македонија“. Покрај тоа, оперативците на ВБА забележале „зголемено движење на албанското национално малцинство од областа на Прешево и Бујановац кон Македонија претходните денови. Слично е и со Албанците од Косово, и тоа пред сè на оние што се познати како поранешни членови на Ослободителната војска на Косово“. За крај е оставен деликатесот: „Државниот врв процени да не се оди во јавност со оваа информација“, тврди изворот на „Блиц“ и додава: „Премиерот Вучиќ сметаше дека шпекулациите за толку големо запленето количество оружје може на некои да им послужат за да долеат масло во огнот на и онака кревката политичка ситуација во Македонија.“

Во некој пристојно нормален весник, уредникот на новинарот што би му донел ваква вест би му наложил да се врати кај својот „извор од ВБА“ и да побара појаснување.

Неколку илјади што? Пушки, митралези и бомби, или сето тоа заедно?

Дали оружјето е со потекло од Србија или е увезено?

Врз основа на што се „претпоставува“ дека било наменето за „инфраструктурата“ на некоја албанска партија, а не, да речеме, за терористите на Блискиот Исток и на Курдите во Турција?

Што значи „зголемено движење“ кон Македонија – десетици, стотици, илјадници луѓе?

Со оглед дека војната на Косово заврши пред осумнаесет години, дали е логично колоната да се состои од поранешни членови на ОВК, кои сега се метузалеми?

Зошто сето тоа оружје и луѓе влегуваат во Македонија преку територијата на Србија, а не, да кажеме, преку Косово или Албанија, со кои Македонија има порозна граница, до која ВБА нема пристап?

Дали „изворот на Блиц“ е свесен дека откривајќи детали за товарот ја прекршил одлуката на државниот врв, вклучувајќи го и Вучиќ, и дека за откривање воена тајна му се заканува долгогодишен затвор?

А потоа тој уредник би си ставил прст на чело и би размислил дали со објавувањето на оваа приказна се загрозува себеси и весникот што го уредува, затоа што не само откривањето, туку и јавното објавување воена тајна е тешко кривично дело.

Се разбира, ништо од горенаведеното не се случило, и тоа од две причини. Прво, „Блиц“ веќе некое време не може да се смета за сериозен весник (сетете се на интервјуто со малолетната ќерка на Вучиќ, а да не набројувам понатаму). Второ, спремен сум да се кладам во последната пара дека фамозниот товар не ни постоел, дефинитивно не во наведените количества, како и дека не постои „изворот на Блиц од ВБА“, туку дека текстот, онака полуписмен и конфузен каков што е објавен, стигнал на масата на уредникот директно од канцеларијата на премиерот, или преку нему блиско лице. Да, истиот тој премиер што „не сака со шпекулации да додава масло на огнот на и онака кревката политичка ситуација во Македонија“. Сигурен сум дека би ја добил кладбата, како што сум сигурен и дека нема да има никаква истрага за откривање воени тајни, ниту пак ќе слушнеме нешто ново за фамозниот товар.

Е да, нека ви е среќен денот на слободата на медиумите. Тоа беше вчера.

Извор: МКД.мк

loading...

Ознаки:

  • Главен и одговорен уредник на Arena.mk, безбедносен инжинер во изградба. Човек, кој смета дека со доволна количина на кофеин, може да се завршат сите дневни обврски.

    Можеби ви се допаѓа и

    Аманда Томкинс, осудена на казна затвор поради секс со малолетни момчиња

    Mајка изведувала стриптиз пред деца, а потоа ги повикала на групен секс и перверзии. ...

    Снегот повторно пристигнува во Македонија

    Времето во Македонија ќе биде претежно облачно со повремени врнежи од снег во југоисточниот ...

    Иванов конечно ја превзема контролата над Македонија

    Ладен туш за Могерини од претседателскиот кабинет… ЕУ јасно да го осуди мешањето во ...