Вардар победник на првиот Супер Куп на Македонија

Вардар го освои и петтиот трофеј годинава, и повторно се запиша во историјата на македонскиот ракомет, како победник на првиот Супер Куп на Македонија. Во натпреварот што е најава за почетокот на сезоната во домашното првенство Вардар со 30-25 (19-12) го победи Еурофарм Работник.

Во репризата на финалето од домашниот куп одигран во мај годинава во Битола кога триумфираше Вардар, и овојпат „црвено-црните” доминираа на теренот. Супер Купот во иднина треба да стане традиција, слично како и во многу други земји меѓу првакот и победникот или финалистот на Купот.

Годинава Вардар прво триумфираше во регионалната СЕХА лига, потоа во домашниот Куп, во ЕХФ лигата на шампионите и домашното првенство, комплетирајќи ја најплодната клупска сезона во историјата. Настапивме и на Супер Глоуб во Катар (неофицијалното клупско светско првенство) каде го освоивме третото место.

Овојпат во СЦ „Јане Сандански” немаше никакви дилеми околу победникот, видлива беше разликата во квалитет на страна на европскиот првак. Фаворитската улога Вардар ја оправда дури и со комбиниран тим, дури и со бројните измени во седморката и играњето на оние што што поретко влегуваат.

Во нашиот тим овојпат не настапија неколку стандардни ракометари: Страхиња Милиќ, Лука Циндриќ, Игор Карачиќ, Вуко Борозан кои поради правилото на ограничување на бројот на странски ракометари останаа на трибините заедно со Владо Недановски.

Затоа голманот Даниел Ѓорѓески доби доверба да брани цел натпревар, а во второто полувреме истото го добија и Тоше Ончев и Мартин Поповски. По пауза од неколку натпревари во екипата се врати Рожерио Мораеш.

Кога на почетокот на второто полувреме Вардар првпат ја „раситни” десетката за водство од 22-12 тоа беше најава за триумф. Гостите до Битола не можеа да се спротистават на нашата добра игра, ефикасен напад иако го имаа расположениот голман Чаневски кој одбрани доста упатени топки.

ВАРДАР – ЕУРОФАРМ РАБОТНИК 30:25
ВАРДАР: Ѓорѓески (9 одбрани.), Штербик, Стоилов 3, Поповски 3, Криштопанс 4, Фереира 3, Македа 3, Абутовиќ, Кањелас 4, Чупиќ, Дибиров 3, Шишкарев 4, Војводиќ 2, Ончев, Марсениќ 1

Сподели

Оставете коментар