Вардарци почнаа со подготовките за продолжението од сезоната

Вардарци почнаа со подготовките за продолжението од сезоната…

Осум ракометари од екипата, кои немаат обрски со националните тимови се собраа на првиот тренинг на Вардар во новата 2018 година во салата во СЦ „Јане Сандански”.

По 11 победи по ред во есенскиот дел од сезоната 2017/2018 во СЕХА Газпром лигата, и како единствена екипа која сезонава нема пораз во Лигата на шампионите, актуелниот европски првак Вардар ги стартуваше подготовките за вториот дел од сезоната во двете лиги.

Првиот тренингот го водеше тренерот Раул Гонзалес, кој во четврток со македонската репрезентација заминува во Хрватска, каде месецов се игра Европското првенство.

„Мора да бидам задоволен од првиот дел зашто имавме одлични резултати на сите натпревари, и во СЕХА Газпром лигата и во ЕХФ лигата на шампионите сме на прво место во групата и сега треба да продолжиме да играме како и досега, без притисок, без грешки и да освојуваме бодови. Во СЕХА Газпром лига мислам дека треба да се спремаме и за фајнл фор. Во Лигата на шампионите сме во многу добра позиција, имаме три бода предност на табелата пред Нант, но сега следат натпревари со Барселона и со Нант и треба да победиме во гости кај едните или другите. Од друга страна сега следи и Европското првенство и им посакувам на сите здравје, зашто тоа и на нас ни е многу важно. Мора целата екипа да биде во форма и да играме одлично и во осминафинале и во четврт финале во Лигата на шампнионите”,вели Гонзалес.

Вардар ја заврши 2017 година без порази во Лигата на шампионите и во СЕХА Газпром лигата, а веќе на 2 февруари не’ очекува гостување во Брест од СЕХА Газпром лигата, а на 10 февруари гостуваме кај Барселона, и овој меч е дерби на неделата од првото коло во Лигата на шампионите во 2018 година.

До крајот на групната фаза од ЛШ остануваат да се одиграат уште четири кола, а Вардар е единствена екипа без пораз и со 18 бода од 10 натпревари. Во првиот дел од 2017/2018 сезоната Вардар имаше само два нерешени натпревари. Пласманот во осминафиналето е обезбеден, но сега се бориме за првото место во групата што води кон директно учество во четврт-финале.

По освојувањето на пет трофеи во 2017 година, односно титулите во домашниот куп, првенството, СЕХА лигата, домашниот супер куп и ЕХФ лигата на шампионите, вардарци се на добар пат и годинава да се најдат во Келн и да се обидат да станат првиот тим што ја одбранил европската титула.

Минатогодишниот успех на Вардар придонесе и Македонија за првпат да се најде на седмото место на најновата листа на ЕХФ, што на македонските тимови ќе им донесе три места во Купот на ЕХФ. Повеќе нема да имаме претставници во Купот Челинџ, туку еден во ЛШ и уште три во ЕХФ купот.
Вардарци годината ја завршија и со бројни индивидуални и клупски признанија, како дома, така и во странство.

Последното признание што дојде е наградата за Лука Циндриќ за најдобра ракометар во Европа во изборот на ЕХФ.

Оставете коментар