Гачевски: Топката не ја мина гол линијата

Гачевски: Топката не ја мина гол линијата…

Вардар денеска на третиот пријателски натпревар, беше поразен од украинскиот тим Черноморец со минимални 1:0. Со еден контроверзен погодок, Украинците стигнаа до триумфот, а судиите долго време носеа одлука дали ќе биде гол или не.

Најдобар поглед на ситуацијата имаше нашиот голман Филип Гачевски кој што во таа мешаница интервенираше на гол линијата. Најпрво арбитрите не го признаа голот, а потоа на општо изненадување на сите се одлучија да ја сменат одлуката.

Еве како Гачевски ја прокоментира целата ситуација околу голот и околу целокупниот натпревар:

„Тоа не беше гол. Топката не ја мина гол линијата, во тоа сум сигурен. Најпрво и судиите не покажаа на центарот. Дури и самиот играч на Черноморец пријде и призна топката не влезе во голот. Сепак, арбитрите по долго размислување признаа гол. Не можевме да се помириме со таа одлука и реагиравме кај судиите. Им кажавме дека и самите играчи на Черноморец признаваат дека не е гол, но тие не ја сменија одлуката. За среќа станува збор само за пријателски натпревар чиј што резултат нема никакво натпреварувачко значење. И покрај тој гол, мислам дека денеска не заслуживме да загубиме затоа што бевме подобар тим од противникот, имавме повеќе од шансите, не искористивме и пенал. Одиме понатаму, остануваат уште три натпревари на кои се надевам дека ќе оствариме победи. Најважно е низ овие мечеви да ја изградиме нашата игра и да се подготвиме за пролетниот дел од сезоната, меѓутоа за нас и резултатите на овие контролни натпревари се важни“, изјави голманот на Вардар по натпреварот со Черноморец.

Оставете коментар