Германија ја исфрли Франција, Словенија ја демолираше Украина

Германските кошаркари во осминафиналето од Европскиот шампионат ја елиминираа Франција со 84:81, а претходно Словенија не ѝ пружи никаква шанса на Украина совладувајќи ја со уверливи 79:55.

Германците сосема заслужено ги елиминираа поранешните прваци Французите, кои и во своите досегашни настапи на првенството не беа уверливи, а против расположената Германија го одиграа можеби својот најслаб меч на турнирот.

Германците во последните две минути влегоа со девет кошеви предност, но Французите дојдоа на чекор од пресврт, на само три поени разлика. Во серијата слободни фрлања во самата завршница Германците сепак имаа помирна рака, а францускиот играч Коло не погоди од отворен шут за „тројка“ во последните моменти за продолжување.

Кај Германија најдобри беа Тајс со 22 и Шредер со 21 кош, додека во селекцијата на Франција Фурние беше воедно и најефикасен на мечот со 27 поени, а го следеше Диав со 15 кошеви.

Украина ниту на почетокот од натпреварот не успеа да поведе, а најголемото водство на Словенија во еден момент пред крајот изнесуваше 29 поени (74:45). На Словенците на патот ди триумфот не им попречи нити лошата игра на нивниот капитен и прв стрелец Горан Драгич кој дуелот го заврши со само пет поени со реализација 2 од 12 шутови, што е катастрофално за НБА играч.

Словенија до победата ја предводеа Ентони Рандолф со 21 поен, и Лука Дончич со 14 кошеви, 10 скокови и 6 асистенции. Единствен со двоцифрен ефект кај Украина беше Пустозвонов со 11 поени, Лукашов уфрли 9 а Бобров постигна 8 поени.

Сподели

Оставете коментар