Кариерата на Санчез под знак прашалник

Изненадувачка понуда од изненадувачки клуб, кој рака на срце, нема среќа со засилувањата.

Пари имаат, амбициите се огромни, но им недостасува репутација. Веќе беа одбиени од голем број фудбалери, Санчез им е последна надеж…

Веќе нема дилеми дека Санчез не сака да остане во Арсенал, па лондонскиот клуб ќе се обиде да го продаде веќе во јануари. Се повеќе пишуваат британските медиуми дека Венгер донел конечна одлука, Чилеанецот во главата одамна не е во клубот, а лошите резултати само го забрзуваат конечниот исход. „Топџиите“ се надеваат дека ќе успеат да добијат некоја солидна сума на пари, иако до крајот на договорот му остануваат уште само осум месеци и веќе во јануари може да преговара со други заинтересирани екипи.

Но, проблемот е токму тука. Манчестер Сити не сака да троши пари на играч кој би можеле да го добијат бесплатно, а и ПСЖ размислува слично.

Се споменува и Реал, секако дека Чилеанецот ќе може да бира каде ќе игра, а единствениот клуб кој засега е подготвен да му плати обештетување на Арсенал и да ги исполни финансиските услови на играчот е, верувале или не, Евертон.

„Карамелите“ сакаат да се вмешаат во трката за врвот и излез во Лигата на шампионите. Летоска Куман ги доведе Руни, Пикфорд, Мајкл Кин, Гилфи Сигурдсон, Дејви Класен и Сандро Рамирез, па со постоечкиот ростер и играчи како Боласие, Миралас, Баркли, Гај, Мекарти, Шнајдерлин, Колман, Бејнс требаше да состават екипа која според индивидуалниот квалитет сигурно може да направи проблеми на Сити, Јунајтед, Арсенал, Челзи и Ливерпул, но во реалноста не е така. Куман го сакаше Жиру, а кога го сменија, Холанѓанецот истакна дека резултатите изостанале затоа што не добил напаѓач од највисок калибар. Сакаа да го доведат и Диего Коста, па дури и дресот со број 19 го чуваа и не го даваа на останатите засилувања, убедени дека ќе го доведат шпанскиот репрезентативец.

Не успеаја со нив двајца, но богатиот и амбициозен газда на Евертон, Фархад Мошири, сака нова „бомба“ во тимот, а тоа е Алексис Санчез.

Арсенал со задоволство би прифатил, пишуваат англиските медиуми. Понудата е 35 милиони евра за играч кој на лето ќе го загубат бесплатно, со тоа што Евертон и не е ривал кој се одбива, како Сити или Јунајтед.

Но, овој трансфер не е реален, бидејќи она што Арсенал го сака, не го сака Санчез. За него трансфер во Евертон би било фудбалско самоубиство. Сака да игра во Лигата на шампионите, а со оглед на стартот на сезоната, Евертон оваа година во најдобар случај ќе биде на средина на табелата.

Давид Ансворт кој денеска ќе го води тимот против Лестер, како привремен менаџер, има задача да го направи тимот колку толку стабилен, пред да се најде адекватно решение.

Евертон има пари, би му гарантирале голема плата на Санчез, но ниту одблиску од она што може да го добие летоска. А дури и кога би добил повисока плата од другите клубови, јасно е дека Чилеанецот не би прифатил да се пресели меѓу „Карамелите“.

Евертон нема среќа со напаѓачите. Направија респектабилен клуб, но и понатаму немаат репутација да привлечат врвно име, иако летоска заработија огромна сума на пари од продажбата на Лукаку во Јунајтед.

Оставете коментар