Се зголемува колекцијата на признанија – Стоилов и Гонзалес најдобри во изборот на АМС

Се зголемува колекцијата на признанија – Стоилов и Гонзалес најдобри во изборот на АМС…

 Вардар доби уште една потврда за својот успех во 2017 година, а овојпат во изборот на Агенцијата за млади и спорт и Сојузот на спортски федерации наградите ги добија Стојанче Стоилов и Раул Гонзалес.

Стојанче Стоилов е избран за најдобар спортист за 2017 година во Македонија, а Раул Гонзалес победи во конкуренција на најдобар тренер/селектор.

Вардар ја имаше својата година од соништата во која освои пет трофеи, во домашното првенство, Купот, домашниот Суперкуп, СЕХА Газпром лигата, ЕХФ лигата на шампионите. На Супер Глоуб во Катар бевме третопласирани од најдобрите екипи од цел свет.

„Огромна чест и задоволство е да се биде најдобар во годината. Од спортскиот крем на Македонија сум избран за спортист на 2017 година. Пред мене многу подобри играчи ја освојувале и мене ми претставува задоволство што сум во тоа друштво. Ова е огромно лично задоволство, но ракомет не се игра сам. Сакам да им се заблагодарам на колегите од клубот и од репрезентацијата. Направивме голем успех со освојувањето на Лигата на шампионите. Оваа година беше трофејна со многу награди, а се надевам дека следната ќе биде уште подобра почнувајќи уште во јануари на Европското првенство во Хрватска каде верувам дека нема да разочараме”, изјави Стоилов после добивањето на наградата.

Стоилов е дел од репрезентацијата што се подготвува за настап на ЕП во Хрватска, а тие ќе бидат предводени токму од Раул Гонзалес.

Оставете коментар