Пелистер – Вардар

Вардар повторно ги освои трите бода од Битола во дуелот со Пелистер. Со голот на Блажевски во 31. минута, „црвено-црните“ успеаа да дојдат до четвртиот триумф во овој шампионат. Во првиот дел целосна иницијатива на нашиот тим, во второто полувреме неколку шанси на Пелистер, но на крајот вардарци ја сочуваа мрежата и успеаја да освојат вредни три бода, и да го добијат ова дерби.

Целосна иницијатива и посед на топката имаше Вардар во текот на првото полувреме кога се стекна со минимално водство. Првите 45. минути минаа со цврста игра и без премногу шанси на теренот. Вардарци имаа две прилики, а Пелистер една.

Првата закана стигна од Вардар преку Блажевски во 17. минута кога од дваесетина метри шутираше силно, но Јовановски рефлексно одбрани во корнер.

Во 27. минута прилика за Пелистер. Попзлатанов од левата страна му асистира на осамениот Петров, кој што за чекор задоцни да спроведе во празниот гол на Вардар.

Само три минути подоцна топката е во мрежата на Пелистер, и водство за Вардар. После акција од средината на теренот, Фелипе додаде до Барсегјан кој од прва му асистираше на Блажевски, а овој од косо од левата страна беше прецизен во десниот долен агол.

После водството на Вардар не се случуваше ништо во однос на шансите. Вардарци и натаму ја имаа иницијативата и поседот на топката, меѓутоа без сериозни прилики ниту на едната ниту на другата страна од теренот.

Нешто поактивна игра на двете страни во вториот дел, односно повеќе шанси во тој дел од натпреварот. Првата закана стигна од Блажевски кој што од слободен удар шутира само крај голот на Пелистер. На другата страна минута подоцна незгоден шут упати Илиев кој што Гачевски успеа да го одбрани.

Во 60. минута голема шанса за Барсегјан да го доближи Вардар до победата, но по асистенција на Блажевски шутираше само крај голот. Минута подоцна Цветаноски во шанса по одбиената топка од голманот Гачевски, но неговиот удар завршува само над голот.

Пелистер направи нова шанса во 78. минута кога Попзлатанов упати удар од 25. метри кој што беше за малку непрецизен и заврши крај голот.

Во судиското надополнување од средбата, шанса за Пелистер преку Цветаноски кој што упати удар, но Гачевски со врвот на прстите успеа да му го одбрани шутот, со што после две минути дојде и последниот свиреж на судијата Ставрев, за нов триумф на нашиот тим од Битола.

ПЕЛИСТЕР – ВАРДАР  0:1 (0:1)

Стадион: „Под Тумбе Кафе“ во Битола. Гледачи: 5.000.

Судија: Александар Ставрев (Скопје).

Стрелци: 0:1 Блажевски 30’

Ж. Картони: Маркоски (П).

ПЕЛИСТЕР: Јовановски, Тошевски, Тодоровски, Ковачев, Б. Љамчевски, Маркоски, Илиев, Петров (46’ Цветаноски), Пеев, Попзлатанов, Трифуновски (76’ Силва).

ВАРДАР: Гачевски, Тодороски (87’ Хамбарџумјан), Муслиу, Попов, Демири, Глигоров, Николов (82’ Стојчевски), Фелипе, Џигаури (70’ Марковиќ), Блажевски, Барсегјан.

СТАТИСТИКА

ПЕЛИСТЕР      ВАРДАР

3          корнери          4

7/3       удари/во        7/2

16        прекршоци     16

5          офсајди          1

1          ж. картони      0

0          ц. картони      0

0          пенали            0