Вардар – Загреб

Вардар ја продолжува победничката низа сезонава со петтиот триумф по ред во СЕХА Газпром лигата, 30-23 (17-10) против ППД Загреб.

Ова е втор триумф за нашите момци против хрватскиот првак за две седмици, откако на почетокот на месецов го победивме истиот ривал со 28-21, но во ЕХФ лигата на шампионите.

Со овој триумф Вардар останува на лидерското место во СЕХА Газпром лигата со максимални 15 бодови на пет натпревари. Во новата сезона Вардар има серија од 11 натпревари без пораз, од што пет се во СЕХА лигата, и исто толку во ЕХФ лигата на шампионите, и плус една победа во домашниот Супер Куп.

Сезонава со ППД Загреб треба да играме најмалку четирипати, а досега две средби завршија во наша корист.

На Вардар му требаа само шест минути, и тоа пред крајот на првото полувреме да направи разлика од седум голови, 17-10 и на паузата за одмор да замине со солидна предност.

Актуелниот победник на СЕХА Газпром лигата само поради сопствените технички грешки и нереализирани шанси уште многу порано не се одлепи резултатски, туку му дозволи на гостинот од Загреб да се надева на позитивен резултат.

Домашните ракометари на овој натпревар играа без Стојанче Стоилов, Рожерио Мораеш и Данаил Шишкарев. Тоа и не се почувствува во играта, иако целиот товар на пивотменската позиција падна на Мијајло Марсениќ. На голот одлично бранеше Страхиња Милиќ кој во првото полувреме имаше осум одбранети топки, вклучувајќи и еден седмерец. Одбраната заврши добaр дел од работата, па познататa 5-1 одбрана тешко се пробиваше.

Резултатски гледано од самиот почеток беше израмнето, а Вардар имаше четири стативи и шест технички грешки, и уште неколку нереализирани напади. Тоа беше причината поради која ППД Загреб имаше активен резултат, и тоа сѐ до 24. минута. Тогаш последен пат ППД Загреб се доближи на „минус 1″ за намалување на нашето водство на 10-9. Тогаш следуваше серија од 4-0, па откако Ереш постигна гол за Загреб, ние возвративме со уште една серија од 3-0. Наизглед овие 17-10 на полувреме изгледаа можеби и превисоки, но Вардар беше подобар и лесно создаваше акции, играше добро во одбрана и тоа се одрази на резултатот.

Второто полувреме го почнавме во сличен ритам, со повеќе технички грешки и нереализирани акции, па Загреб успеа да намали на пет голови (18-13). Гостите потоа намалија на „минус 4″ и таа разлика ја одржуваа во добар дел од мечот, дури и кога Вардар ќе избегаше на „плус 5″ или „плус 6″ голови.
Победата на Вардар не беше доведена во прашање, имавме предност, подобро игравме, па можеше и да се смени во тимот, да добијат шанса и Недановски, Поповски, Војводиќ, Ѓорѓевски. Во игра воопшто не влезе и Лука Циндриќ.

Во тимот на Вардар најефикасни беа Тимур Дибиров и Игор Карачиќ со по 6 гола, пет постигна Вуко Борозан, а четири даде Мијајло Марсениќ.
Страхиња Милиќ одбрани 14 топки и 2 пенали, а Даниел Ѓорѓески одбрани една топка и два пенала.

На 21 октомври Вардар гостува кај Целје во Словенија.