Вардар – Шкупи

Вардар имаше иницијатива и многу шанси во натпреварот со Шкупи, а на крајот го реши победникот само со еден гол во противничката мрежа. Многу шанси неискористени, голманот на гостите Зендели спасуваше чисти погодоци на нашиот тим. На крајот од 12 упатени удари кон голот на Шкупи, само една топка заврши во мрежата, а најважни се трите бода.

И покрај целосната иницијатива, посед на топката и шансите, првиот дел Вардар не успеа да го најде патот до целта во првото полувреме. Благодарение и на неколкуте одбрани на Зендели. Главно првиот дел се играше пред противничкиот гол. Вардарци и покрај петте упатени удари во рамките од голот, и исто толку надвор од рамките, не успеа да дојде до посакуваното водство.

Првата шанса ја имаше Муслиу кој што упати со глава безопасен обид, и Зендели одбрани. Во 10. минута Фелипе се обиде од 22-23 метри, топката мина сантиметри крај левата статива од голот на Шкупи. Барсегјан во 12. минута шутира прецизно, Зендели одбрани и одби до Блажевски кој што од непосредна близина не ја погоди целта. Минута подоцна првата и единствена шанса на Шкупи во првиот дел. Во одлична позиција се најде Асани кој што излезе сам пред Гачевски, меѓутоа нашиот голман успеа да одбрани.

Во 14. минута после соло продорот Џигаури шутира, но Зендели брани. Шест минути иста ситуација, и повторно голманот на Шкупи на место. На следната шанса се чекаше до 34-тата минута кога Фелипе се обиде со удар од десетина метри, но Зендели со врвот на прстите изби во корнер. Последниот обид во првиот дел го видовме преку Барсегјан кој што од триесетина метри упати удар кој што отиде над голот на противникот за да видиме полувреме без голови.

На стартот на вториот дел иста слика како во првото полувреме. И натаму доминацијата продолжува, овој пат со повеќе посед, со многу шанси. Уште во 47. минута шанса за Барсегјан кој што одкосо од лево шутираше за малку над голот. Две минути подоцна нова закана од Хамбарџумјан кој што после нафрлување од Блажевски шутираше за малку покрај голот. Во 54. минута шут и на Блажевски, прецизен, но Зендели изби во корнер.

Конечно се тресеше мрежата на Шкупи во 57. минута. Одлично проигрување од Блажевски на левата страна до Барсегјан кој што упати не толку силен, но максимално прецизен удар во долниот лев агол од голот на Зендели.

Минута подоцна добра прилика за Шкупи. Обид на Стојковски во горниот десен агол, но Гачевски со парада успеа да одбрани и да спаси израмнување.

Вардар можеше да дојде до 2:0 во 67. минута кога силниот удар на Блажевски одеше во голот, но Зендели со крајни напори успеа да одбрани и да избие во нов корнер за „црвено-црните“.

И после водството, Вардар имаше прилики порано да го реши победникот на овој натпревар. Меѓутоа неколкуте одбрани на противничкиот голман не дозволија такво нешто. На една минута пред крајот на средбата, по еден противнапад во шанса се најде Стојчевски кој што шутираше, Зендели одбрани. Од истата акција се изроди слободен удар на 20 метри од голот на Шкупи, шутираше Фелипе, но повторно противничкиот голман интервенираше. Неколку секунди подоцна Хамбарџумјан нафрли до Стојков, кој што со глава упати удар, меѓутоа и овој обид успеа да го одбрани Зендели и да спаси поубедлива победа на „црвено-црните“.

Автор: Горан Бошев. Фото: Денис Дуковски

ВАРДАР – ШКУПИ       1:0 (0:0)

Стадион: Арена „Филип Втори“ во Скопје. Гледачи: 300.

Судија: Константин Влахо (Скопје).

Стрелци: 1:0 Барсегјан 57’

Ж. Картони: Муслиу (В) – Бајрами, Малиќи (Ш).

ВАРДАР: Гачевски, Хамбарџумјан, Грнчаров, Муслиу, Глишиќ, Глигоров, Исени (77’ Марковиќ), Фелипе, Блажевски, Џигаури (65’ Стојчевски), Барсегјан (87’ Стојков).

ШКУПИ: Зендели, Малиќи, Адем, Бериша, Кривањева, Бајрами, Стојкоски, Таипи (81’ Имери), Мбела, Асани (46’ Шабани), Јашароски (69’ Демири).

СТАТИСТИКА

ВАРДАР           ШКУПИ

8          корнери          5

21/12   удари/во        5/2

15        прекршоци     10

4          офсајди          1

1          ж. картони      2

0          ц. картони      0

0          пенали            0