Ренова – Вардар

Вардар со триумф од тетовската „голеада“…

Победа на Вардар во денешниот натпревар против Ренова во Тетово. Вистинска „голеада“ во првиот дел во кој постигнати беа шест гола, од кои „црвен-црните“ дадоа четири, а примија два. Во вториот дел целосна доминација на нашиот тим, можеше а водството беше зголемено дури пред самиот крај на мечот. На крајот најважно е тоа што Вардарци успеаја да се вратат со три бода од ова тешко гостување кај Ренова.

Уште во 5. минута по првиот сериозен напад, Вардар се стекна со позитива. Од левата страна нафрли Блажевски до Максимов на вториот дирек, кој со глава спушти во петерецот на Ренова, каде што Велија си постигна автогол.

Во 12. минута Блажевски се обиде, но Кобетиќ одбрани. Нападите на Вардар продолжија и веќе во следната минута после противнапад во кој се најде Фелипе, го претрча Мишковски и влезе во шеснаесетникот, а стоперот на Ренова прави прекршок за најстрога казна.

Сигурен реализатор од белата точка е Блажевски кој што шутираше силно и прецизно во долниот десен агол.

Минута подоцна нова шанса за Вардар преку Џигаури кој што упати прецизен удар, но Кобетиќ одбрани во корнер. Во 20. минута прва прилика за Ренова преку Гафури, меѓутоа неговиот обид го одбрани Алексовски.

Во 26. минута Фетаи нафрли од десната страна и убаво го проигра Гафури кој што со глава беше прецизен во мрежата на Вардар и го намали водството. Веќе во следниот напад нова шанса за Ренова преку Јусуфи, упати шут кој што Алексовски одлично го одбрани во корнер.

Се играше 30. минута кога Фелипе стигна до 20 метри и го проигра Максимов, а овој излезе сам пред Кобетиќ и со силен удар ја смести топката во десниот агол од голот на Ренова.

Од следната акција Ренова успеа повторно да постигне гол. Топка доби Јусуфи на десната страна, беше во добра позиција и да шутира, но се реши несебично да го проигра на другата страна Гафури, кој што успеа да погоди во голот на Вардар и да намали.

Две шанси потоа имаше Вардар повторно да дојде до плус два. Најпрво Блажевски, потоа и Фелипе, но во двата наврати Кобетиќ успеа да одбрани и да не дозволи нова топка во неговиот гол.

Пред крајот на првиот дел беше досуден слободен удар на 25 метри од голот на Ренова. Фелипе прекрасно го изведе, над живиот ѕид во горниот лев агол и Вардар по четврти пат го совлада Кобетиќ во текот на првиот дел, и повторно дојде до два разлика. После голот дојде и последниот свиреж на судијата Јакимовски за пауза меѓу двете полувремиња.

На стартот на вториот дел Вардар мирно ја контролираше топката, а во 60. минута двојна шанса за нашиот тим. Од десната страна Максимов се проби после противнапад, од добра позиција упати удар кој што беше одбранет од Кобетиќ. Од истата акција Глигоров од двасетина метри шутираше, топката ја погоди десната статива. Само две минути подоцна повторно Максимов од десната страна, овој пат непрецизно, топката оди само над голот.

„Црвено-црните“ преку посед на топката ја чекаа својата шанса да дадат уште некој гол. Немаше прилики се до 81. минута кога Петковски од Ренова се најде во добра позиција, но шутираше само над голот.

Во 84. минута во игра влезе Итало, а само пет минути подоцна ќе се покаже како исправен потег од клупата. Бразилецот од дваесетина метри шутираше прецизно во горниот лев агол од голот на Кобетиќ, за да ја потврди победата на Вардар и да ги отстрани сите дилеми околу победникот на овој дуел во кој што нашиот тим беше далеку подобар тим од противникот.

РЕНОВА – ВАРДАР 2:5 (2:4)

Градски стадион во Тетово. Гледачи: 500.

Судија: Дејан Јакимовски.

Стрелци: 0:1 Велија (а.г.) 5’, 0:2 Блажевски (п) 14’, 1:2 Гафури 26’, 1:3 Максимов 30’, 2:3 Гафури 32’, 2:4 Фелипе 45’, 2:5 Итало 89’

Ж. Картони: Мишковски, Велија (Р) – Николов, Џигаури, Велковски (В).

РЕНОВА: Кобетиќ, Незири, Мишковски, Темелков (63’ Садики), Велија, Фетаи, Иљази (68’ Рамадани), Гафури, Меирелес, Нафиу, Јусуфи (70’ Петковски).

ВАРДАР: Алексовски, Тодороски, Велковски, Новак, Демири, Глигоров, Николов (69’ Муслиу), Фелипе, Џигаури (66’ Барсегјан), Блажевски, Максимов (84’ Итало).

СТАТИСТИКА

РЕНОВА ВАРДАР

9 корнери 8

8/5 удари/во 16/12

19 прекршоци 22

2 офсајди 0

2 ж. картони 3

0 ц. картони 0

0 пенали 1/1