Розенбoрг – Вардар

Вардар и во второто коло од групата „Л“ во Лигата на Европа беше поразен. Вардарци вечерва на стадионот „Леркендал“ во Трондхајм претрпеа пораз од Розенборг. И покрај неколкуте шанси и покрај добрата игра на моменти, сепак, норвешката екипа успеа да ги искористи своите прилики и да запише прва победа во групната фаза од Лигата на Европа.

Добро прво полувреме за Вардар и покрај негативата на крајот од истото. Уште во третата минутата „црвено-црните“ немаа среќа да реализираат. Топката заврши во десната статива после ударот од околу 25 метри на Блажевски.

Првата шанса за домашните дојде во шестата минута преку најопасниот играч во првото полувреме Бендтнер. Тој со глава се обиде, но Гачевски му го одбрани ударот. Во 16. минута нова шанса за Вардар преку Николов кој што упати удар над голот.

Во 23. минута после добра акција Бендтнер се најде во добра позиција во шеснаесетникот на Вардар, Муслиу стартува врз него за пенал за противникот. Сигурен реализатор на најстрогата казна беше истиот фудбалер. Бендтнер шутираше на десната страна, а Гачевски беше многу блиску да му одбрани. Ја прочита неговата намера, но за малку не успеа да го одбрани овој обид и да спаси.

Сепак, водството на Розенборг не влијаеше многу врз играта на Вардар. „Црвено-црните“ до крајот на првиот дел на моменти имаа иницијатива, ја имаа топката. Направија и една шанса кога Николов во 34. минута шутираше, меѓутоа само по средината и голманот на Розенборг успеа да одбрани. Тоа беше последниот обид во првото полувреме за еден од двата тима, па на одмор се замина со минимална предност за норвешката екипа.

Првите закани во второто полувреме дојдоа повторно од фудбалерите на Вардар. Најпрво Барсегјан се обиде после проигрување од Фелипе, но обидот беше млак и заврши во рацете на Хансен. Во 54. минута Блажевски нафрли на вториот дирек до Грнчаров кој што со глава ја упати топката над голот на Розенборг.

Во 56. минута Розенборг го зголеми водството. После долга акција топката стигна до Корадсен кој што од 25 метри упати прецизен удар во горниот десен агол, и топката заврши во мрежата на Вардар. Норвешкиот тим во тие моменти имаше добра резултатска предност.

Розенборг дојде до уште еден гол во 68. минута. Бендтнер убаво со петица го проигра Хеденстад кој што беше сам пред Гачевски, и успеа да погоди во голот на „црвено-црните“ и да го зголеми водството на својот тим.

Вардар можеше да постигне гол во 75. минута кога Барсегјан се обиде од 25 метри, но голманот Хансен со крајни напори ја изби топката во корнер за Вардар. Во 80. минута после нафрлената топка на Џигаури, Грнчаров шутира само над голот.

„Црвено-црните“ немаа среќа ниту во 82. минута кога повторно беа блиску да постигнат гол. Исени од десетина метри шутираше прецизно, голманот Хансен беше совладан, но од гол линијата сигурен погодок спаси Мелинг и не дозволи нашиот тим и во оваа ситуација да погоди во мрежата.

Конечно, во првата минута од судиското надополнување Вардар постигна гол и го намали резултатот. Ремек дело на Хуан Фелипе кој што со прекрасен лоб удар од 17-18 метри успеа да го совлада Хансен и да го ублажи овој пораз на Вардар од Трондхајм.

РОЗЕНБОРГ – ВАРДАР            3:1 (1:0)

Стадион: „Леркендал“ во Трондхајм. Гледачи: 16.038.

Судија: Георги Кубаков (Бугарија).

Стрелци: 1:0 Бендтнер 25’ (п), 2:0 Конрадсен 56’, 3:0 Хетенстад 68’, 3:1 Фелипе 90’+1

Ж. Картони: Скјелвик (Р) – Муслиу, Џигаури, Демири (В).

РОЗЕНБОРГ: Хансен, Хеденштад, Региниусен, Скјелвик, Мелинг, Јенсен, Лундемо (86’ Расмусен, Конрадсен, Де Ланли, Абегбенро, Бендтнер.

ВАРДАР: Гачевски, Хамбарџумјан (85’ Марковиќ), Муслиу, Грнчаров, Демири, Глигоров, Николов (76’ Исени), Фелипе, Џигаури, Блажевски, Барсегјан (76’ Стојчевски).

СТАТИСТИКА

РОЗЕНБОРГ    ВАРДАР

49%     посед на топка    51%

3          корнери          5

5/4       удари/во        9/4

16          прекршоци     11

1          ж. картони      3

0          ц. картони      0

1/1       пенали/реализирани           0/0

ГРУПА „Л“, 2. КОЛО

Зенит – Р. Сосиедад 3:1

Розенборг – Вардар 3:1

ТАБЕЛА:

1. Зенит   2   2   0   0    8:1   6

2. Р. Сосиедад   2   1   0   1   5:3   3

3. Розенборг   2   1   0   1   3:5     3

4. Вардар    2    0   0   2   1:8    0