Сегед – Вардар

Продолжува серијата на Вардар во освојување бодови во лигата на шампионите, и од гостувањето во Сегед, Унгарија се враќаме со бод играјќи нерешено 26-26 (13-14). Можевме да ја продолжиме и победничката серија, но на 15 секунди до крај во контра Тимур Дибиров не реализираше сигурна шанса.

Тренерот Раул Гонзалез укажа дека ова гостување кај ПИК Сегед ќе биде нашето најтешко гостување сезонава во ЛШ, и имаше право. Домаќините играат добро во одбрана, на моменти дури и прегрубо, но Вардар успеа да остане во игра, дури и кога имаше негатива од три гола, да остане присебен и да возврати. Ова е трет натпревар во Унгарија кај ПИК Сегед на кој освојуваме бодови, во досегашните четири натпревари.

Арпад Штербик со 14 одбрани, и Лука Циндриќ со седум и Вуко Борозан со осум гола беа најекспонираните личности на средбата.
Последните две минути беа особено драматични, зашто Вардар имаше негатива од два гола (24-26). Побаравме и тајм аут, а потоа во нападот загубивме топка овозможувајќи му на ривалот на поентира. Но, одигравме добра одбрана, а Вуко Борозан потоа го постигна својот осми гол.

Останаа уште 90 секунди, а потоа уште еднаш имавме одлична одбрана, украдена топка и Македа во контра го израмнува резултатот, 26-26. Домаќините имаа повеќе од една минута да постигнат гол. Тешко им одеше тоа, бидејќи европскиот првак веќе имаше решение за противничките играчи. Можевме да се вратиме и со цел плен, но украдената топка и контрата на Тимур Дибиров заврши над голот. Неизвесноста уште траеше, 15 секунди ПИК Сегед доби за напад, ама нашите играчи веќе ги затворија сите приоди. Остана само еден удар од девет метри, но тој заврши во блокот.

Во второто полувреме Вардар само двапати успеа да го израмни резултатот (20-20 и 21-21), но никогаш не му дозволи на противникот резултатски да се одлепи. Петнаесет минути траеше „постот” на Штербик, а потоа следуваа четири одбрани, многу важни. Иако Чупиќ утна пенал на 23-21 за ПИК Сегед, ние намаливме на 23-22, и како по обичај имавме уште неколку шанси за израмнување. Гостите повторно се одлепија, но на крајот можевме да се радуваме ние на победата.

Слично беше и во првото полувреме. Тргнавме со одлични одбрани на Штербик, но ПИК Сегед имаше водство. Имавме доста нереализирани напади и повеќе технички грешки од вообичаеното. ПИК Сегед имаше и предност од 13-10, а ние возвративме со 3-0 серија, но примивме гол во последната секунда.

Лука Циндриќ мораше самиот да одигра 60 минути зашто Игор Карачиќ не беше подготвен да игра. Иако домаќините имаа подолга клупа и повеќе свежи играчи, вардарци одиграа лавовски, борбено и можеа дури и да бидат победници.

ПИК Сегед – Вардар 26-26 (14-13)

ВАРДАР: Штербик (одбрани 14 топки и 1 пенал), Стоилов, Недановски, Криштопанс 2, Милиќ, Рожерио Мораеш 1, Македа 2, Абутовиќ, Кањељас 1, Циндриќ 7, Чупиќ 3, Дибиров 1, Шишкарев 1, Борозан 8, Војводиќ, Марсениќ.