Шкупи – Вардар

Вардар победи денеска на реванш натпреварот со Шкупи со 2:0, и со вкупни 3:1 се пласираше во 1/4 финалето од Купот на Македонија.

Вардарци во текот на целиот меч доминираше, но дури во второто полувреме го „скрши“ отпорот на тимот од Чаир и успеа да обезбеди триумф со кој што се пласираше во следната фаза од ова натпреварување.

После првиот дел немаше голови, иако Вардар имаше три сериозни прилики за гол, додека Шкупи само еднаш се закани по голот на Гачевски.

Првата шанса на мечот ја имаше Новак кој што после нафрлувањето на Фелипе и мешаницата во петерецот, шутираше само над голот. Во 10. минута убава шанса за Вардар преку Барсегјан, топката одеше во аголот, но Зендели во последен момент изби во корнер.

Се играше 24. минута кога на другата страна Имери мина неколку играчи на Вардар, шутираше, но Гачевски успеа да одбрани.

На последната шанса на Вардар се чекаше до 42. минута. Фелипе нафрли од корнер на вториот дирек, Бериша во обидот да расчисти за малку ќе си постигнеше автогол, но топката отиде за малку крај дирекот во нов корнер за „црвено-црните“ во тој период од мечот.

На почетокот на второто полувреме, Вардар тргна крајно офанзивно со цел да дојде до посакуваниот погодок. Најпрво шанса имаше Барсегјан во 51. минута кога по проигрување на Максимов шутираше за малку над голот. Во 54. минута и Николов се обиде, но топката оди само крај голот .

Вардар дојде во водство во 64. минута. Нафрли од левата страна Блажевски со осамениот Николов на вториот дирек кој што со глава успеа да погоди во голот на Шкупи.

Две минути подоцна Стојкоски со глава имаше шанса, но неовиот обид оди само крај голот.

Водството од 2:0 стигна во 82. минута. Барсегјан поведе противнапад, стигна до 20 метри од голот, додаде до Николов на левата страна, кој го проигра осамениот Максимов, а Русинот успеа да погоди во мрежата.

ШКУПИ – ВАРДАР 0:2 (0:0) вк. резултат: 1:3

Стадион: „Ѓорче Петров“ во Скопје. Гледачи: 1.000

Судија: Александар Ставрев (Скопје).

Стрелци: 0:1 Николов 64’, 0:2 Максимов 82’

Ж. Картони: Бајрами, Кривањева, Малиќи, Стојкоски (Ш) – Тодороски, Фелипе (В).

ШКУПИ: Зендели, Малиќи, Бериша, Кривањева, Зука, Адем, Бајрами (69’ Асани), Имери (62’ Демири), Таипи, Стојкоски, Јашароски.

ВАРДАР: Гачевски, Тодороски (78’ Демири), Велковски, Муслиу, Новак, Глигоров, Николов (90’ Петковски), Фелипе, Блажевски (86’ Колевски), Барсегјан, Максимов.

СТАТИСТИКА

ШКУПИ ВАРДАР

3 корнери 10

3/1 удари/во 12/6

22 прекршоци 16

2 офсајди 2

4 ж. картони 2

0 ц. картони 0

0 пенали 0